Белгија е земјата со највисока стапка на смртност од Ковид-19

пред 3 години

Белгија ги надмина Перу и Шпанија во бројот на мртви од Ковид-19 на 100 илјади жители и сега е земјата со највисока смртност од болеста во светот, со 110 починати на 100 илјади жители.

Белгија беше меѓу најлошите ученици за време на првиот бран, но ситуацијата набрзо се смири. Од август највисока стапка на смртност имаше Перу, но со појавата на вториот бран, Белгија е повторно најостро погодена.

Медиумите во Белгија денеска ги анализираат причините за оваа ситуација и формулираат силни критики кон властите кои уште за време на првиот бран одбија да преземат строги мерки како изолација, карантин и спречување на несуштински патувања во најзаразените зони во Европа.

Се критикува и отсуството на маски и заштитни опреми на почетокот на вирусот, како и недоволното тестирање.

Белгија е исто така густо населена земја на мала површина, што, според експертите, фаворизира брзо ширење на вирусот.

Една од најострите критики кон белгиските власти е фактот што за време на првиот бран беа оставени пензионерските домови речиси целосно сами на себе, со што вирусот масовно ги покоси највозрасните.

Вториот бран на Ковид-19 дополнително ја влоши состојбата во оваа земја која сега брои над десет илјади мртви од вирусот. Властите се надеваат дека пикот е сега зад нив, но рестрикциите нема да бидат ублажени пред да се знае со сигурност дека епидемијата е под контрола, увери владата.

Scroll to Top