Белен: Омразата нема да најде плодна почва во Австрија

пред 4 години

Австрискиот претседател Александар ван дер Белен по повод синоќешниот терористички напад во центарот на Виена, денеска изјави дека омразата никогаш нема да биде посилна од единството во слободата, демократијата и љубовта.

Ван дер Белен во обраќање до нацијата рече дека Австрија има страшна ноќ зад себе, бидејќи во центарот на Виена гнасно е извршен напад врз срцето на Австрија.

Во терористичкиот напад загинаа четири лица, 17 лица беа повредени, а полицијата го уби и напаѓачот, 20-годишен приврзаник на Исламска држава.

Белен посочи дека нападот очигледно бил мотивиран од исламизам, нешто што е најлошо во поновата историја.

Тој изрази сочувство до повредените кои се борат за живот и сочувство до семејствата на жртвите, но и благодарност до полицијата, војниците кои со своите животи ја бранат безбедноста на земјата, како и на службите за итни случаи за нивната пожртвуваност.

Белен посебно и се заблагодари на меѓународната заедница која обединето и солидарно застана со Австрија.

– Атентатот беше насочен против сите нас кои го цениме животот во слободно општество. Тој е насочен против слободното општество, во кое се живее со меѓусебно почитување, против либералната демократија. Живот што терористите очигледно го мразат од дното на душата. На територијата на Европа со векови е водена претешка борба за демократија за да се предадеме така лесно, рече Ван дер Белен.

Тој истакна дека омразата нема да најде плодна почва во Австрија.

– Ние нема да дозволиме оваа омраза да не зарази, туку ќе ги заштитиме нашите вредности и демократии. Порачуваме дека омразата никогаш не може да биде посилна од нашето единство во слободата, демократијата и љубовта. Да живее слободата, нашата Република, нашата заедничка мирољубива Европа, заклучи австрискиот претседател.

Scroll to Top