Вакцинираните со „астразенека“ во Норвешка ќе добијат втора доза од друг производител

пред 3 години

Министерството за здравство на Норвешка соопшти дека оние кои примиле една доза од вакцината против коронавирус на „Астразенека“ ќе може да се вакцинираат со втора доза вакцина од друг производител.

Норвешка ја прекина вакцинацијата со „Астразенека“ на 11 март откако мал број млади беа хоспитализирани поради комбинација на згрутчување на крвта, крварење и низок број на тромбоцити, од кои некои починаа.

Сега се чека извештај од комисијата назначена од владата, кој треба да биде готов на 10 мај, за тоа дали вакцинацијата ќе продолжи.

Но, одлуката ќе дојде премногу доцна за оние кои ја примиле првата доза на вакцината на „Астразенека“ и треба да добијат втора доза пред одлуката на комисијата.

Затоа, на оние кои примиле една доза од вакцината на „Астразенека“ ќе им биде понудена втора доза од вакцината на „Фајзер“ или „Модерна“.

Околу 135.000 луѓе, претежно здравствени работници, ја примија вакцината на „Астразенека“ во Норвешка пред да се запре вакцинацијата.

Норвешка е последна во низата земји што одлучија да комбинираат вакцини, заедно со Данска, Финска, Франција и Германија.

Scroll to Top