(ВИДЕО) Измешани чувства, солзи и гордост на улиците на Нови Сад: илјадници сограѓани се простуваат од Ѓоле

пред 3 години

Во еден од најтрогателните изрази на заедништво во тагата и во гордоста што сме ги виделе во последните години, илјадници жители на Нови Сад вечерва излегоа на улиците за да се простат од нивниот сограѓанин, големиот поет и музичар Ѓорѓе Балашевиќ, кој почина денеска на 67-годишна возраст.

На снимките од градот во кој Ѓоле живееше целиот свој живот и на кој му посвети многу песни и стихови, се гледа како луѓето, горди поради тоа што имале таков сограѓанин, палат свеќи и положуваат цвеќе, додека се слушаат неговите најголеми хитови, кои одбележаа цели генерации.

Градските власти во Нови Сад прогласија ден на жалост, а во Градската куќа вечерва се изгасени светлата и знамињата се спуштени на половина копје во сеќавање на починатиот уметник.

Веста за смртта на Балашевиќ одекна силно насекаде низ ексјугословенските простори, а изразите на почит за неговото влијание не само во музиката, туку и во помирувањето на народите во овој дел од Балканот, стигнуваат од сите поранешни републики.

Поранешната хрватска премиерка на Твитер се потсети на хитот на Балашевиќ „Девојка за чардаш ногама“, велејќи дека тоа било време на младост, љубов и песна и на Ѓоле.

„И повторно замина дел од животот,“ напиша Косор.

Меѓу стотиците пораки на познатите личности од екс-ју просторите, една беше и на прославениот актер Раде Шербеџија, кој рече дека на Балашевиќ треба да му се подигне споменик.

„Беше тој мој Ѓорѓе голем уметник, еден од најголемите, и низ уметност и низ човечноста, храброста и хуманоста. Треба да му се подигне споменик,“ изјави Шербеџија за српските медиуми.

„Само ќе ми дојдеше од зад грб и ќе ми речеше: Дојде, баќо… Отпеа неколку песни, ме бакна и исчезна. Беше божествен,“ се потсети познатиот актер за познанството со Балашевиќ.

Балашевиќ почина денеска на Инфективната клиника во Белград, каде неколку дена се лечеше од тешка пневмонија предизвикана од инфекција со коронавирусот.

Scroll to Top