ВИДЕО: Напаѓачите во Виена пукале во луѓе во барови што ги користеле последните часови пред карантинот

пред 4 години

Во вечерашните напади во Виена официјално е потврдено дека загинал најмалку еден цивил и еден од напаѓачите.

Снимка на која се гледа како наводните напаѓачи во Виена, кои вечерва отворија оган врз минувачи и гости на барови, стојат на улица голи до појасот и изгледа како да се предаваат, се појави на социјалните мрежи. Полицијата се уште не ја потврди нејзината веродостојност и не соопшти точни податоци за тоа колкумина од терористите се уапсени и во какви околности.

Портпаролот на Здружението на болници во Виена, Кристоф Миро за агенцијата АПА изјави дека тројца повредени, по нападот во центарот на градот, биле пренесени на клиниките управувани од оваа институција.

Во меѓувреме, рабинот Шломо Хофмајстер, кој бил сведок на пукањето, изјави за АП дека видел како еден човек отвора оган кон кафеаните под неговиот стан, кои биле полни со луѓе што ги користеле последните часови пред карантинот во австрискиот главен град, воведен поради ситуацијата со коронавирусот.

„Испукаа најмалку 100 куршуми само пред нашата зграда,“ раскажува Хофмајстер. „Сите тие барови имаа маси надвор. Вечерва беше последна пред карантинот“.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц го нарече чинот „одвратен терористички напад“ и најави дека војската ќе преземе дел од надлежностите на полицијата, за таа да може да се фокусира на борбата против терористите.

Пораки на поддршка за Австрија пристигнуваат од европскиот политички врв. Францускиот претседател Емануел Макрон во твит на германски јазик изрази сочувство и поддршка за австриските власти.

Scroll to Top