(Видео) Протести во Вашингтон за поддршка на Трамп, има повредени и уапсени

пред 4 години

Илјадници приврзаници на Доналд Трамп се собраа синоќа во Вашингтон за да изразат поддршка на неговите обиди да го промени исходот од претседателските избори, кои ги изгуби.

За време на демонстрациите, паралелно избија и судири помеѓу приврзаниците на Трамп и опонентите, а како што наведува АП, четворица луѓе се хоспитализирани со убодни рани, додека пак според податоците од градската полиција, 23 лица се приведени.

Трамп на Твитер изрази изненадување поради собирите на неговите приврзаници во Вашингтон и најави дека ќе се сретне со нив.

„Гласот на Америка“ претходно објави дека Трамп ја напуштил Белата куќа, околу пладне по локално време, на пат кон Американската воена академија, и додека хеликоптерот прелетал над насобраната толпа, се слушнало скандирање до претседателот.

Мајкл Флин, поранешен советник за национална безбедност, кого Трамп неодамна го помилува, во тој момент зборувал пред приврзаниците на актуелниот претседател.

„ Ова е навистина кул. Замислете дека можете да скокате во хеликоптер и да летате над Вашингтон”, рече Флин, со чие помилување поништена е пресудата на судот за давање неточни информации на Федералното истражно биро (ФБИ) за време на истрагата за вмешаноста на Русија во претходната претседателска кампања во 2016 година.

Протести се одржуваат во повеќе американски градови пред претстојниот состанок на членовите на Изборниот колеџ, на кој Џо Бајден ќе биде официјално избран за 46-ти претседател на Соединетите држави.

Scroll to Top