ВИДЕО: Тензично е во Албанија, протест на гневни граѓани откако полицијата уби 25-годишен жител на Тирана

пред 3 години

Под мотото „И ние сме Клодјан“, масовен протест вечерва се одржува во Тирана, прво пред Министерството за внатрешни работи, по што протестантите стигнаа пред Владата.

Протестот нема организатор, граѓаните се собраа самоиницијативно преку социјалните мрежи, за да побараат, како што велат, правда за убиството на младиот Клодјан Раша од припадник на специјалната полициска единица.

Извикувајќи „Сакаме правда“, „Долу комунизмот“, „Лешај поднеси оставка“, „Во комунизмот убиваше Ручи, сега Рама и Лешај“, граѓаните се обединија со единствена цел да протестираат против екстремниот чин што го направи полицаец кој го уби Клодјан Раша, вчера наутро, пренесува Топ чанел телевизија.

Во неколку наврати, пред се пред Владата, каде има полициски кордон, имаше судир меѓу полицијата и учесниците во протестот, но и меѓу самите протестанти.

Поради тензичната ситуација мораше да интервенира специјалната полициска единица за брзи интервенции, а на владината зграда состојбата ја набљудуваат и припадници на националната гарда и други полициски структури. Употребен е и солзавец, а според последните информации, има повеќе повредени лица, од кои најголем дел се полицајци. Тројца се пренесени во болница.

Според телевизијата Ора Њуз, учесниците фрлале тврди предмети врз Владата извикувајќи „Сакаме правда, Рама оди си“, ја уништиле новогодишната елка откинувајќи дел од светилките, што предизвикало спој и прегорел целиот систем. Потоа елката била потпалена и урната на земја.

Клодјан Раша (25) беше застрелан во близина на неговиот дом во населбата Лапрак во Тирана, кога, според неговите родители, заминувал на утринско кафе со другарите.

Сестрата на загинатото момче, Бора Раша, која учествуваше во протестот, низ солзи кажа дека немал проблеми со никого, бил мирно момче, имал свршеница и требало следното лето да прават свадба.

За албанските медиуми тоа го потврдуваат и соседите, според кои полицаецот без предупредување да застане, што е вообичаена постапка, директно пукал во момчето и го усмртил.

Министерот за внатрешни работи Сандер Лешај рече дека е почната истрага која треба да ја потврди причината зошто полицискиот специјалец пукал. Според првичната верзија на полицијата, момчето не послушало наредба од полицајците да застане, по што еден од нив пукал.

Scroll to Top