Во Албанија надмината бројката од илјада починати од Ковид-19

пред 3 години

Во Албанија во изминатото деноноќие битката со опасниот вирус ја загубија 14 пациенти со што вкупната бројка достигна 1.003 лица, информираше Министерството за здравство и социјална заштита.

Меѓу починатите е и доктор Михал Керци, еден од најпознатите анестезиолози и претседател на друштвото на анестезиолози, што, според агенцијата Балкан веб, е 25. доктор кој починал од опасниот вирус.

– Во изминатото деноноќие регистрирани се нови 788 случаи со Ковид-19 што е околу 32 отсто од направените 2.501 тестови. И понатаму Тирана е главното жариште на болеста каде се 222 од новозаразените, а ново жариште станува Скадар каде се 111 од новите случаи. Во исто време битката со опасниот вирус ја добија 300 лица, наведува Министерството.

Од почетокот на март до сега, според Министерството, направени се 221.676 тестови, позитивен резултат е добиен кај 48.530 оздравеле 24.820, починале 1003, додека активни на болеста се 22.707 лица, од нив 12.162 во Тирана.

Во четирите ковид болници хоспитализирани се 454 пациенти, 23 на интензивна терапија, додека осуммина се интубирани.

Поради постојаниот раст на новозаразени и починати Министерството апелира на строго почитување на мерките за спречување на заразата. Посебен апел упатува до младите кои се најбројни учесници во протестите во последните четири дена да избегнуваат собирања и групирања, затоа што „невидливиот непријател потоа го носат во своите домови, кај родители, баби и дедовци“ кои спаѓаат во ризична група.

Scroll to Top