Во Брисел се затвораат кафулињата и баровите на еден месец

пред 4 години

Кафулињата и баровите во целиот регион на Брисел од утре ќе бидат затворени еден месец со цел да се запре зголемувањето на бројот на новозаразени со коронавирусот, соопштија денеска белгиските власти.

Покрај тоа, забрането е конзумирање алкохол на јавни места во 19 општини во регионот. Рестораните можат да останат отворени, одлучија властите. Новите мерки се слични на оние што се применуваат во Париз од вторникот.

Белгиската Влада вчера објави дека од петок сите барови и кафулиња ќе престанат да работат во 23 часот во целата земја, а премиерот Александар де Кро истакна дека ситуацијата во Белгија е „загрижувачка“.

Претседателот на регионот Брисел, Руди Верворт и претседателите на 19 општини во тој регион денеска оценија дека овие ограничувања не се доволни за да се запре ширењето на инфекцијата на таа многу густо населена територија од 1,2 милиони жители.

Затворени се и сали за прослави, се вели во соопштението на регионалната влада.

Во Белгија, речиси 2.500 новоинфицирани лица се евидентираат дневно во последните седум дена, што е раст од 57 отсто во споредба со претходната недела. Меѓу десетте општини во земјата каде ширењето е најинтензивно, четири се во регионот на Брисел.

Scroll to Top