Во Србија рекордни Ковид-бројки: 21 починат и 3.536 заразени

пред 4 години

Србија денес ги сруши сите црни рекорди, како по бројот на новозаболени и починати, така и на бројот на пациенти кои се на респиратори.

Исто така, Белград повторно ги сруши сите рекорди по бројот на заразени за еден ден – дури 46 отсто се од главниот град – поточно 1.611 лица.

Според последните податоци, во Србија уште 3.536 лица се заразени со коронавирус, а 21 пациент починале. Во последните 24 часа тестирани се 12.514 лица.

Од почетокот на епидемијата, во Србија се регистрирани вкупно 70.424 случаи на заболени од Ковид-19 и вкупно 936 смртни случаи.

Хоспитализирани се 2.959 пациенти, од кои 143 лица се ставени на респиратор.

Белград е најголем проблем веќе некое време, а се случува она за што со недели експертите предупредуваа, „прелевање“ во други градови во земјата, пред се во Нови Сад, каде се регистрирани 175 нови случаи.

Епидемиологот Предраг Кон изјави дека Србија не е многу далеку од катастрофална епидемиолошка состојба, а некои градови, како што е Шабац, веќе прогласија вонредна состојба.

-Тоа е ситуација во која луѓето веќе немаат каде да се лекуваат. Ние мора да го запреме вирусот, ако не го спречиме, тогаш тој ќе не спречи нас, изјави Кон за РТС.

Болничките капацитети во Србија, особено во Белград, стануваат преполни.

Привремената болница во белградска Арена е скоро полна со пациенти. Во моментов, таму се сместени 447 пациенти, а на располагање се уште околу 50 легла.

Од вкупниот број на пациенти, 250 од нив се на кислород, а координаторот на оваа привремена болница, д-р Владо Батножиќ, изјави дека станува збор за доста сериозни пациенти со еднострана или двојна пневмонија за која е потребна сериозна клиничка терапија. Поради влошување на епидемиолошката состојба, во Шабац е воведена вонредна ситуација , што значи дека во градот нема да има манифестации и свечености, угостителските објекти ќе бидат затворени во 21 часот, а базените, бањите и велнес центрите нема да работат.

Scroll to Top