Враќање во иднината? Амбициите за членство во ЕУ заглавени во времето

пред 3 години

martenscentre.eu

Кога Марти ја свири „Џони Би Гуд“ од Чак Бери на крајот на култниот филм „Враќање во иднината“, изненаден е кога ќе забележи дека публиката е збунета. Во тој момент, ќе сфати дека свирел рокенрол песна која е премногу модерна за публиката во 1955. – Дечки, претпоставувам се уште не сте подготвени за ова. Но вашите деца ќе го обожаваат, ќе изјави тој.

Сцената ме потсети на политиката на ЕУ за проширување со земјите од Западен Балкан, речиси 30 години по распадот на Југославија и ветувањето кон сите земји во регионот дека ќе бидат дел од ЕУ.

Дел од текстот на песната на Чак Бери е: „Мајка му му рече – еден ден ќе бидеш маж… можеби еден ден твоето име ќе биде осветлено и ќе пишува, Џони Би Гуд вечерва“. Годинава, беше направен чекор напред со сонот на Северна Македонија откако Европскиот совет во март го одобри почетокот на пристапни преговори, но тој сон повторно беше уништен. Како едно дежаву кога една соседна земја ги објави лошите вести. Овој пат, тоа беше Бугарија која стави вето на одлуката на ЕУ да започне преговори со земјата.

Противењата на Бугарија за Северна Македонија да го започне процесот на преговори немаат врска со објективните, нормативни критериуми кои ЕУ ги постави во врска со подготвеноста на земјата за процесот. Противењата се од историска и идентитетска природа. Имено, Бугарија тврди дека потеклото на македонската нација е бугарско и дека македонскиот јазик е всушност бугарски дијалект. Исто така, барањата се сето ова да биде официјално признаено, како и да се откажат од тврдењата дека има посебно македонско малцинство во Бугарија.

Двете земји потпишаа Договор за пријателство, добрососедски односи и соработка во 2017, каде ниту едно од споменатите барања не се вклучени, но бугарското Собрание ги усвои во декларација по потпишувањето на билатералниот договор. Исто така, Бугарија инсистира барањата како и патоказ за имплементацијата на Договорот за пријателство да бидат вклучени во рамката за преговори, за што ќе биде потребно да се воведе дополнително поглавје во рамката под број 35.

„Ова е комплицирано!“ – изјавува Марти повеќепати во трилогијата.

По 28 години, Северна Македонија и Грција во 2019 успеаја да го решат долгогодишниот спор во врска со името на земјата. Тоа беше болен процес, кој беше неопходен за Северна Македонија на нејзиниот пат да стане членка на НАТО (што и се случи во март 2020) и на ЕУ (којзнае кога?!). Парадоксот на двата спора е дека Грците беа многу упорни во нивните намери да докажат дека нема поврзаност меѓу двете нации, дека тие се посебни нации како и јазикот кој го говорат и дека имаат различно културолошко и историско потекло. Сега пак, Бугарите сакаат да го докажат спротивното – дека „сите сме исти.“ Декларираната посветеност на Бугарија да биде регионалниот лидер и поддржувач на земјите на Западен Балкан да станат дел од ЕУ е променета во строго национален интерест против добрососетските односи и вредности и принципи на ЕУ.

Вистинскиот проблем е што ЕУ е немоќна да го надмине ова и да ја одврати Бугарија во намерите да го наметне како прашање на ЕУ, не само како бугарско прашање. Ветото е

закана на повеќе фронтови – за ЕУ-интеграцијата на Северна Македонија, за стабилноста на регионот, за кредибилитетот на ЕУ да ги исполни нејзините ветувања кон земјите на Западен Балкан. Со нерешен спор и дијалог помеѓу Белград и Приштина во врска со косовското прашање, позицијата на ЕУ во регионот ослабува како веродостоен партнер и се оддалечува од нејзините интереси на Западниот Балкан.

За Северна Македонија е неприфатливо да биде принудена да направи такви отстапки. Историската комисија, формирана да ги утврди фактите во врска со споделена историја меѓу Северна Македонија и Бугарија, требаше да работи во насока на градење доверба, но досега сите нејзини напори завршиле неуспешно. Понатаму, Преспанскиот договор, со кој се стави крај на спорот со Грција, се заснова на ветувањето за членство во ЕУ на земјата. Без некаква перспектива дека тоа е можно, имплементацијата на договорот може да биде замрзната или нарушена, што пак може да придонесе кон дестабилизација на односите меѓу Северна Македонија и Грција. Тоа е уште една закана за регионалната стабилност. За жал, голема е веројатноста дека ќе се зголеми националистичката реторика на двете страни, за кој се верува дека е „стариот добар балкански рецепт“ за односи меѓу соседите.

За крај, речиси да нема шанси за ветото да биде повлечено до крајот на годинава. Имаше многу злонамерни изјави и очигледно е дека нема добра волја за конструктивни разговори или преговори сега. Но, крајно неопходно е сега Европската комисија, мнозинството во Европскиот совет и Претседателството на Советот да ја разубеди земјата-членка да се откаже од непријателскиот наратив кон нејзиниот сосед и да биде конструктивна кон зацртаната политика за проширување на Унијата.

И тогаш Марти би изјавил „Одлично Скот!“.

Во блогот се изнесени личните ставови на авторката Катерина Јакимовска и е дел од „Патот до Варшавскиот безбедносен форум: Програмата за Западен Балкан“.

Scroll to Top