Германските лекари во списанието „Лансет“ опишаа како го лекувале Навалани, пофалби и за руските колеги за брзата реакција

пред 3 години

Германските лекари, кои го лекуваа рускиот опозициски политичар Алексеј Навални откако наводно беше затруен со нервен агенс „Новичок“, во едно од најпознатите светски медицински списанија „Лансет“ детално го опишаа текот на лекувањето.

Тие за „Лансет“ изјавија дека исходот е „многу поволен“ за Навални и заслугата за тоа ја лоцираат во брзата медицинска помош што ја добил во Русија.

Американските медиуми појаснуваат дека клиниката „Шарите“ во Берлин денеска информира дека Навални се согласил со објавување на статијата.

На Навални одеднаш му се слошило на 20 август, за време на внатрешен лет во Русија, а по укажаната лекарска помош во болница во градот Омск, на 22 август бил префрлен во берлинската клиника.

Европската унија воведе санкции за шест руски службеници и државниот институт за истражување откако тестовите на Организацијата за забрана на хемиско оружје покажаа дека Навални бил изложен на нервниот агенс „Новичок“. Кремљ негира вмешаност во труењето и возврати со санкции против претставници на ЕУ.

Во написот, лекарите од берлинската болница го опишуваат точниот тек на болеста на Навални и процесот на лекување со разни лекови со цел да одговорат на симптомите што ги покажувала тогашната здравствена состојба.

Според нив, со подобрувањето на неговата здравствена состојба, Навални бил изваден од медицински индуцирана кома, а лекарите утврдиле дека тешкотиите во говорот и разбирањето на говорот, кои првично ги покажал по будењето, исчезнале по три недели.

Тие наведоа дека за време на последната посета, на 55-от ден, забележале дека невролошките, невропсихолошките и неврофизиолошките наоди кај Навални покажуваат речиси целосно закрепнување и дека нема докази за полиневропатија, што вклучува оштетување на голем број или на сите периферни нерви, поради различни наследни или стекнати причинители.

Ова е прва клиничка студија на случај, со детали за труење со „Новичок“, иако симптомите и третманот се слични како кај оние изложени на органофосфорни пестициди, кои убиваат повеќе од 10.000 луѓе годишно во Азија.

Scroll to Top