Грција бара да се свика Советот на ОБСЕ поради војната во Нагорно-Карабах

пред 4 години

Преку писмо упатено до албанското претседателство на ОБСЕ, шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас бара вонредно свикување на Постојаниот совет на организацијата за да се разгледаат тензиите во Нагорно-Карабах.

-Писмото е поврзано со подготвеноста на Грција да придонесе во напорите за итно де-ескалирање на кризата, соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција и додаваат дека целта на грчката иницијатива е одржување разговори со учество на двете инволвирани страни, разгледување на секој можен начин за де-ескалација на кризата и одново отпочнување на преговорите во рамките на Минск групата за мирно решавање на разликите.

Паралелно велат дека ескалацијата на тензиите има сериозни последици врз регионалната стабилност, а тоа е „став што беше потенциран од министерот за надворешни работи за време на средбата со американскиот државен секретар Помпео“.

-Грција е убедена дека решавањето на кризата е можно само со мирни средства, преку преговори, а не со оружје. Грција не одобрува било каква интервенција на трети што поттикнува тензија. Во овој контекст, Турција мора да се воздржи од активности и изјави што се движат во оваа насока, соопштуваат од грчкото МНР.

Оттаму додаваат дека подготвеноста на Грција да придонесе во смирување на тензиите, Дендијас ја изразил и за време на неодамнешниот телефонски разговор со неговиот ерменски колега Зохраб Мнатсаканијан. Утре двајцата министри одново ќе разговараат преку видеоврска, а наскоро е планирано шефот на грчката дипломатија да ја посети Ерменија.

Scroll to Top