Грчките новинари ќе штрајкуваат уште 24 часа

пред 3 години

Штрајкот на вработените во грчките национални и локални телевизии, во државната телевизија, радиото и интернет страницата на ЕРТ, во државната новинска агенција АНА-МПА, како и во Генералниот секретаријат за медиуми, што требаше да заврши попладнево е продолжен за уште 24 часа, а причината е новиот предлог закон на Владата.

Од здруженијата на новинари и вработени во медиумите велат дека „во време на пандемија и пред Божиќ, ненадејно и со експресни процедури, ставен е на консултации предлог законот од надлежниот министер Стелиос Пецас што вклучува одредби кои се закана за работните односи и права и носи намалување на работните места и масовни отпуштања“.

Бараат веднаш да се повлечат конкретните одредби од законот и Владата да започне дијалог со инволвираните страни.

Од вчера попладне, во Грција не се емитуваат вести на телевизиите, ниту пак информативни емисии, новинската агенција АНА-МПА не објавува и не дистрибуира вести, а единствено исклучок е информирањето за ситуацијата со Ковид-19 во земјата.

Штрајкот почна вчера во 18 часот и е продолжен до утре попладне.

Координативната комисија на вработените во медиумите, за нивните барања на одвоени средби ги информираше лидерите на политичките партии.

Scroll to Top