Грчкото здравство и натаму под притисок, денеска 1.677 нови случаи и 95 починати

пред 3 години

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас на денешната редовна прес конференција за состојбата со пандемијата во земјата рече дека и по пет седмици карантин, здравствениот систем е под притисок, со исполнети 83 отсто од капацитетот на одделите за интензивна нега во грчките болници, а денеска беа соопштени 1.677 нови случаи и 95 починати.

Од новите случаи, овој пат, зголемување има во областа Атика, поширокиот регион на Атина, каде што се 365 од новоаразените и каде што се исполнети се 77 проценти од креветите на одделите за интензивна нега во болниците, а во Солун, каде што денеска има 317 нови случаи, празни се само девет отсто од креветите.

Кикиљас рече дека постои загриженост за бројот на случаите во девет грчки периферии, меѓу кои западниот дел на Атика и северниот дел на земјата.

Во грчките болници, приклучени на апарати се 578 пациенти, еден помалку од вчера.

Министерот за здравство на Грциха уште еднаш им порача на граѓаните дека овој Божиќ е поразличен и потребно е придржување кон мерките.

Истакна дека сепак постои „светлина на крајот од тунелот“ , а Грција се подготвува за национална кампања за информирање на граѓаните за вакцината за Ковид-19 и додаде дека станува збор за кампања која не е партиска ниту владина, туку ќе бидат вклучени и партиите, црквата, лекарски и фармацевтски здруженија, комори и сл.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани 3.289 смртни случаи од Ковид-19 и 119.720 заразени лица.

Scroll to Top