Десеттиот авион со руски мировници замина за Нагорно-Карабах

пред 4 години

Десеттиот авион Ил-76 со руски мировници е на пат кон Нагорно-Карабах, соопшти утринава руското Министерство за одбрана, пренесува ТАСС

„Десеттиот воен транспортен авион Ил-76 со руски мировници полета од аеродромот Уљановск- Восточни. Авионот превезува персонал на мировната единица, материјал и оклопни транспортери“, соопшти Министерството.

Руското Министерство за одбрана претходно објави дека вкупно 1.960 мировници, 90 оклопни транспортери и 380 возила и парчиња специјална опрема ќе бидат испратени во Нагорно-Карабах.

Ерменија и Азербејџан синоќа потпишаа декларација за прекин на војната во Нагорно Карабах, со посредство на рускиот претседател, Владимир Путин.

Сепак, и покрај декларацијата за завршување на војната во Нагорно Карабах, ерменските и азербејџанските сили ќе останат на своите сегашни позиции. Рускиот претседател Владимир Путин рече дека Русија веќе упатила мировна мисија на оваа територија.

„Република Ерменија и Република Азербејџан ќе останат на своите сегашни позиции“, рече Путин на заедничката прес-конференција во Москва со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашанјан.

Рускиот претседател истакна дека декларацијата за завршување на војната, потпишана од Баку, Ереван и Москва, на долг рок и на фер начин ќе помогне во решавање на спорот за Нагорно – Карабах и ќе биде во интерес на азербејџанскиот и ерменскиот народ.

Scroll to Top