ЕМА испраќа експерти во Русија за да ја проверат вакцината „спутник В“

пред 3 години

Европската агенција за лекови во април ќе испрати група експерти во Русија за да ги проверат клиничките испитувања и производството на руската вакцина „спутник В“.

Ова го изјави директорот на агенцијата за здравствена безбедност и стратегија за вакцинација, Марко Кавалери. Според него, освен европските медицински експерти, вакцината „спутник В“ ќе ја проверуваат и германската компанија „Цуревак“ и американската „Новавакс“.

„Во тек е проверка на руската вакцина, ќе ги разгледаме сите податоци, со цел побрзо да ги одобриме. Во април, ќе спроведеме инспекција во Русија што ќе се однесува и на производството и на клиничките испитувања. Тогаш ќе видиме кога ќе ги имаме податоците потребни за можно одобрување на вакцината“, изјави Кавалери за италијанската телевизија „Раи3“.

Претходно, претставник на работната група на тема коронавирусот изјави дека ЕМА не може да ја одобри руската вакцина пред мај.

Во саботата, претседателот на регионот Лацио, Никола Зингарети, објави дека за неколку дена ќе биде потпишан договор за спроведување на научни истражувања за вакцината „спутник В“ во Националниот институт за инфективни болести „Лазаро Спаланзани“ во Рим.

Директорот на тој институт, Франческо Ваја, изјави дека Националниот истражувачки институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ ќе испрати тројца свои соработници во Рим на заедничко истражување со италијански колеги за ефективноста на руската вакцина против различни варијанти на коронавирусот.

На 5 февруари, научното списание „Лансет“ ги објави резултатите од третата фаза на клинички испитувања на вакцината против ковид, „спутник В“, во која е потврдено дека „спутник В“ е безбедна и ефикасна вакцина.

Scroll to Top