ЕУ подготвува итна помош за Индија каде секој ден се рушат рекорди по бројот на заразени

пред 3 години

ЕУ подготвува итна помош за Индија, која се соочува со растечка криза поради пандемијата на Ковид-19, при што инфекциите и смртните случаи достигнаа рекордни нивоа, изјави шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Механизмот на Европската унија им овозможува на земјите-членки да ја координираат помошта во итни ситуации, пренесува „Гардијан“.

Комесарот на ЕУ за хуманитарна помош Јанез Ленарчиќ рече дека помошта во кислород и лекови веќе се координира од земјите-членки.

Германската канцеларка Ангела Меркел претходно денеска изјави дека нејзината влада подготвува итна помош за Индија.

Засега нема детали што би понудила Германија, најголемата економија на ЕУ, но неделникот „Шпигел“ објави дека вооружените сили на земјата добиле барање за помош при организирање на снабдувањето со кислород.

Исто така и британската влада денеска соопшти дека ќе испрати повеќе од 600 парчиња опрема како итна медицинска помош во Индија.

До крајот на идната недела најавени се и нови пратки со помош.

Индискиот здравствен систем се обидува да се справи со огромното зголемување на бројот на инфекции, а има извештаи за сериозен недостиг на боци со кислород и лекови.

Огромната нација од 1,3 милијарда луѓе забележа 349.691 нов случај и 2.767 починати во последните 24 часа, најмногу од почетокот на пандемијата.

Како најголема причина за брзото ширење на епидемијата во Индија се смета индиската варијанта на коронавирус, која веќе се појави и во неколку европски земји.

Scroll to Top