Зголемена е стапката на самоубиства во Јапонија во текот на вториот бран од пандемијата

пред 3 години

Зголемена е стапката на самоубиства во Јапонија во вториот бран од пандемијата на коронавирусот, и тоа особено кај жените и децата, иако при првиот бран имаше пад, покажа истражувањето.

Стапката на самоубиства во јули и октомври се зголеми за 16 проценти во однос на истиот период минатата година, што претставува голем пресврт во однос на февруари и јуни, кога опадна за 14 проценти, се наведува во студијата на Универзитетот за наука и технологија во Хонг Конг и Токискиот Институтот за геронтологија.

Во истражувањето се наведува дека пандемијата значително ќе влијае врз психолошкото здравје на децата, адолесцентите и жените, особено на домаќинките, пренесуваат британските медиуми.

Падот на стапката на самоубиства во првиот бран на пандемијата беше под влијание на државните субвенции, скратеното работно време и затворањето на училиштата, покажа истражувањето.

Стапката на самоубиства во вториот бран се зголеми за 37 проценти кај жените, што е околу пет пати повисока отколку кај мажите, затоа што пандемијата имаше негативни последици врз индустриите во кои доминираат жените, и затоа што вработените мајки имаа повеќе одговорности, а во пораст беше и семејното насилство.

Стапката на самоубиства кај децата во вториот бран се зголеми за 49 проценти кога училиштата беа затворени низ целата земја.

Scroll to Top