Иранското МНР: Се надеваме дека САД ќе престанат со ескалациите

пред 3 години

Техеран се надева дека Вашингтон ќе ги деескалира тензиите со оглед на претстојната промена на администрацијата во Белата куќа, но е подготвен за „секакво сценарио“, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзаде, пренесува „Спутник“.

„Ние сме подготвени за секакво сценарио, ги проценуваме сите сценарија, имаме соодветен одговор за секое од нив. Се надевам дека во овие последни денови, пред американскиот претседател Доналд Трамп да ја напушти Белата куќа, тие ќе престанат да ги зголемуваат тензиите”, рече Хатибзаде на брифингот.

На прашањето за медиумските извештаи за израелската подморница што влезе во Персискиот Залив, каде што се распоредени американски воени бродови за учество во поморски вежби со регионални и коалициски партнери, Хатибзаде го обвини Вашингтон за зголемување на тензиите.

„Ние не сакаме тензии, но одговорноста за какви било последици од ризичните активности што водат до ескалација на тензиите е на САД. Сигурно знаете дека Иран нема да се шегува со никого кога се во прашање нашите национални интереси и безбедност“, посочи тој.

Кувајтскиот весник „Ал-Кабас“, повикувајќи се на извори од Иран, објави дека Техеран ги зајакнува своите можности за противвоздушна одбрана во близина на нуклеарните постројки како претпазливост против можните американски воени напади пред крајот на мандатот на Трамп.

За време на брифингот денеска, Хатибзаде исто така негираше вмешаност на Иран во нападите насочени кон дипломатската мисија на САД во ирачката престолнина Багдад претходно во декември, и го нарече убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани на почетокот на годината „стратешка грешка“ на САД, а Европа ја обвини за неспроведување на иранскиот нуклеарен договор по повлекувањето на Вашингтон.

Scroll to Top