И вториот кандидат на републиканците во Џорџија призна пораз на изборите за Сенатот во САД

пред 3 години

Досегашниот републикански сенатор од американската сојузна држава Џорџија, Дејвид Пердју, го призна поразот на изборите за Сенатот од младиот демократ Џон Ософ, што ја донесе Демократската партија на чекор до официјалната контрола над двата дома на Конгресот на САД.

Републиканската кандидатка Кели Лефлер вчера призна дека ја изгубила трката за Сенатот од Демократот Рафаел Варнок, баптистички свештеник од Атланта, кој стана првиот црн сенатор од Џорџија.

Гласачите во Џорџија ги избраа двајцата сенатори во вториот круг од изборите на 5 јануари. Овие избори беа од големо значење затоа што зависи од нивниот исход дали демократите или републиканците ќе имаат контрола над Сенатот.

Демократската партија ќе го има претседателот Џозеф Бајден, потпретседателката Камала Харис од 20 јануари, а на изборите на 3 ноември го задржа мнозинството во Претставничкиот дом на Конгресот.

Со победите на Варнок и Ософ (33), кој ќе биде најмладиот сенатор во сегашниот состав, демократите ќе ја преземат контролата над Горниот дом на Конгресот.

Односот на демократите и републиканците во Сенатот ќе биде 50 спрема 50, но во тој случај одлучува гласот на претседавачот, што е функција на потпретседателот на САД, односно Камала Харис.

Победите на демократските кандидати во двата дуели во Џорџија се сигурно изненадување, бидејќи таа држава нема избрано сенатор од редовите на Демократската партија во последните 20 години.

Scroll to Top