И покрај примирјето продолжуваат борбите во Нагорно-Карабах

пред 4 години

Иако од вчера на пладне е во сила прекин на огнот, ерменското Министерство за одбрана соопшти дека силите на Нагорно-Карабах го одбиле нападот на азербејџанската армија.

Претходно и претставници на силите на Нагорно-Карабах соопштија дека одбиле напад на армијата на Азербејџан во северо-источен правец.

– Нашите единици го пресекоа нападот на непријателските сили и уништија две оклопни возила и нанесоа загуби во живата сила, се наведува во соопштението.

Претходно, Баку соопшти дека ерменската армија го гранатирала вториот по големина град во Азербејџан, Ганџа.

Шефот на азербејџанската дипломатија Џејхун Бајрамов го извести рускиот копретседавач на Минск групата, Игор Попов дека и покрај договорот за прекин на огнот од хуманитарни причини, ерменската армија намерно гаѓала цивилни објекти и граѓани во Азербејџан.

Тој додаде дека во гранатирањето на Ганџа повредени се 35 цивили.

Портпаролката на ерменското Министерство за одбрана, Шушан Степањан ги негираше обвинувањата на Азербејџан дека Ереван не го почитува примирјето.

Во меѓувреме, Црвениот крст соопшти дека чека апсолутен прекин на огнот во Нагорно-Карабах за да почне со хуманитарната мисија.

Scroll to Top