Каталонија ги олеснува мерките – се отвораат спортските сали, кафулињата и рестораните

пред 3 години

Каталонија ќе ублажи некои од рестриктивните мерки следната недела, објави локалната власт.

Ова значи дека ќе бидат отворени спортските сали, кафулињата и рестораните, бидејќи бројот на заразени со коронавирус опаѓа и во покраината и низ цела Шпанија.

„Веруваме дека врвот на третиот бран е зад нас“, рече каталонскиот министер за здравство Марк Раментол.

Мадрид претходно најави олеснување на мерките почнувајќи од утре.

Шпанија сè уште го има третиот најголем број на дневни инфекции во светот и притисокот врз здравствениот систем останува висок. Денес имало 29.960 новоинфицирани, а бројот на починати се зголемил за 432 на вкупно 60.802.

Забраната за напуштање на регионот Каталонија, освен од работни или здравствени причини, ќе се олесни постепено, а другите ограничувања воведени во јануари ќе останат на сила.

Големите продавници и трговски центри остануваат затворени, а помалите продавници со несуштинска стока ќе бидат отворени од понеделник до петок. Полицискиот час останува во сила од 22 до 6 часот наутро.

Scroll to Top