Москва тврди: Во Нагорно-Карабах стигаат борци од Либија и Сирија

пред 4 години

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека борци од Сирија и Либија пристигнале во Нагорно-Карабах, регион каде четири дена трае конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан, во однос на спорните територии.

„Борци од илегални вооружени групи, особено од Сирија и Либија, се распоредени во зоната на конфликтот во Нагорно-Карабах, за да учествуваат во борбите“, соопшти руското министерство, додавајќи дека е крајно загрижено поради процесите што можат да ги зголемат тензиите во конфликтот и низ целиот регион.

Русија ги повика лидерите на засегнатите земји да преземат ефикасни мерки за да спречат регрутирање терористи и странски платеници во конфликтот и да ги повлечат од областа.

Ерменија ја обвини Турција, која го поддржува Азербејџан, за испраќање платеници во Карабах. Властите во Баку, пак, ги отфрлија тврдењата и возвратија со обвинување кон официјален Ереван.

Рускиот министер за надворешни работи денеска им предложи на своите ерменски и азербејџански колеги Москва да биде домаќин на разговорите за сепаратистички регион Нагорно-Карабах во кој од 27. септември се водат жестоки битки.

Двете земји беа дел од Советскиот Сојуз пред тој да се распадне во 1991 година. Тие веќе четири децении се во конфликт околу регионот Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е под контрола на Ерменците.

Scroll to Top