Навални откри нови детали: Отровот ми беше подметнат во долната облека

пред 3 години

Рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални, изјави дека успеал да натера агент на руската тајна служба да му ги открие деталите за неуспешниот заговор против него, истакнувајќи дека отровот со кој требало да биде убиен бил подметнат во неговата долна облека.

Навални, за кого се вели дека е најостриот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше префрлен во Германија на лекување во август откако одеднаш се разболе на лет со кој патуваше внатре во Русија.

Германските власти објавија дека тој бил отруен од нервен агенс наречен „новичок“.

Самиот Навални на почетокот на овој месец тврдеше дека случајот е решен и дека се вмешани припадници на руската служба за безбедност ФСБ.

На видеото објавено на неговата веб-страница, Навални вели дека пред да бидат објавени резултатите од истрагата, тој телефонски се јавил на некои од идентификуваните како учесници во обидот за труење, претставувајќи се себеси како помошник секретар на рускиот Совет за национална безбедност.

Човекот за кого Навални тврди дека е член на ФСБ разговарал со него 49 минути и според Навални тој бил член на тимот за т.н. чистење по операцијата.

Навални објави снимка и транскрипт од разговорот што го имал, но „Ројтерс“ забележува дека не можеле да добијат независна потврда за автентичноста на разговорот или за идентитетот на соговорникот на Навални.

На снимката се слуша како Навални го испрашува својот соговорник: „Зошто не успеа?“

„Честопати се прашував тоа“, беше одговорот, а на прашањето како преживеал Навални, соговорникот одговорил дека тоа е веројатно резултат на фактот што авионот во кој се наоѓал итно слетал откако му се слошило, па му помогнале руски лекари.

„Да траеше малку повеќе, веројатно ќе завршеше поинаку“, рекол соговорникот на Навални.

Кремљ постојано негира какви било тврдења дека Русија се обидела да го убие Навални.

„Видеото од телефонскиот разговор е лажно“, беше коментарот на ФСБ, цитиран од руската агенција ТАСС, квалификувајќи ги изјавите на Навални како планирана провокација.

Scroll to Top