Нетанјаху ги повика ривалите заедно да состават влада и да избегнат нови, петти, предвремени избори

пред 3 години

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се воздржа од прогласување победа во раните утрински часови по вчерашните избори, четврти за помалку од две години, и наместо тоа апелираше до членовите на ривалските партии да ми се придружат со цел да се избегне петто последователно гласање.

По преброени околу 90 отсто од гласовите, неговата партија Ликуд се очекува да освои 31 место во парламентот, додека неговиот десничарски блок е на пат да освои 59 места – две помалку од потребните. Би Би Си наведува дека изненадувачки развој е успехот на Арапската партија, за која се предвидува дека ќе освои пет места во Парламентот, која може да одржи рамнотежа на силите.

Нетанјаху изјави дека гледа „јасно мнозинство“ во Кнесетот, кој има 120 членови, и најави дека во следните денови ќе разговара со сите пратеници кои сакаат да помогнат да се состави стабилна влада. Тој вели дека доколку тоа не се направи, ќе бидат неопходни нови избори.

Од друга страна, лидерот на израелската опозиција и претседател на партијата од центарот „Јеш Атид“ Јаир Лапид рече дека и тој ќе се обиде да изгради коалиција со цел да формира „разумна влада на Израел“.

Шефицата на Изборната комисија соопшти дека резултатите од редовните избирачки места ќе бидат потврдени и објавени попладнево, но има уште 450.000 гласови кои одделно се бројат во парламентот. Тоа се гласовите на војниците, дипломатите, пациентите во болниците, вклучително и Израелците кои се во карантин, бидејќи се заразени со коронавирусот.

Scroll to Top