Норвешка и Финска подготвени да и` помогнат на Шведска

пред 3 години

Шведска се соочува со голем скок на бројот на заболени со коронавирус. Поради недостиг на медициснки капацитети, помош понудија соседните држави – Финска и Норвешка.

Стокхолм уште треба официјално да побара помош, за да можат фински и норвешки лекари да се вклучат во борбата против заразата. Здравствените власти во шведскиот главен град досега ги ангажираа сите расположливи лекари, но и воени сили, за да се изборат со епидемијата, пренесе „Фајненшл Тајмс“.

„Сè уште не добивме официјално барање за помош, но гледаме каква е состојбата во шведските болници, па затоа сме подготвени да„ скокнеме “, рече главниот секретар на финското Министерство за социјална заштита и здравје, Кирси Варила.

Нејзината норвешка колешка Марија Јарман Бјерке, пак, им изјави на новинарите дека нордиските земји имаат договор за заемна медицинска помош.
„ Ако Шведска побара помош, ние ќе го исполниме тоа барање“, рече таа.

За време на првиот и вториот бран на коронавирус, Шведска имаше значително поголем број на заразени лица од соседните Норвешка и Финска.

Некои го припишуваат ова на „прелибералниот“ модел на контрола на пандемијата, кој не вклучуваше скоро никакви значителни рестриктивни епидемиолошки мерки во споредба со блокадите во остатокот од Европа. Само во декември Шведска досега има забележано околу 1.400 смртни случаи од Ковид-19. Во Норвешка, 100 лица починаа во истиот период, а во Финска, 80 лица.

Стокхолмскиот регион извести дека тамошните болници се соочуваат со многу големи проблеми, бидејќи 99 проценти од креветите на одделите за интензивна нега се полни, а здравствените синдикати предупредуваат дека голем број здравствени работници ги откажуваат договорите за вработување поради зголемени инфекции, хоспитализации и смртни случаи.

Така, само во областа на метрополата, околу 3.600 здравствени работници поднеле оставки од почетокот на пандемијата. Флуктуациите на вработените се чести, но шведските медиуми предупредуваат дека ова е за 900 повеќе отпуштања отколку во истиот период минатата година.

Сепак, се чини дека Шведска сè уште нема намера да бара помош од соседите. Според директорката за подготвеност на шведскиот Национален комитет за здравје и благосостојба, Јохана Сандвал, состојбата во здравствената заштита е тешка, но земјата сепак може да се справи сама.

Scroll to Top