Од „Астразенека“ тврдат дека нивната вакцина не предизвикува згрутчување на крвта

пред 3 години

Компанијата „Астразенека“ објави дека прегледала голем број луѓе вакцинирани со нејзината вакцина и дека нема докази за зголемен ризик од згрутчување на крвта.

Истражувањето опфатило повеќе од 17 милиони луѓе вакцинирани во Европската унија и Велика Британија.

„Внимателниот преглед на сите достапни податоци за безбедност, од повеќе од 17 милиони луѓе вакцинирани во Европската унија и Велика Британија со нашата вакцина, не покажа докази за зголемен ризик од белодробна емболија, длабока венска тромбоза или тромбоцитопенија во која било група според возраста, полот или во која било одредена земја“, наведува „Астразенека“.

Италијанскиот северен регион Пиемонт е последен во низата кој објави дека привремено ја прекинува вакцинацијата со вакцините од „Астразенека“ откако вчера по вакцинирањето починал учител од градот Биела.

Данска, Норвешка и Исланд исто така го прекинаа вакцинирањето поради проблеми со згрутчување на крвта, а Австрија минатата недела престана да користи одредена серија на вакцини од „Астразенека“ додека истражуваше смрт предизвикана од коагулација. Европската агенција за лекови (ЕМА) изјави дека нема индикации за поврзаност помеѓу ваквите компликации и вакцината, а истот го повтори и Светската здравствена организација (СЗО).

Ирска, исто така, привремено ја прекина вакцинацијата со „Астразенека“ како мерка на претпазливост, повикувајќи се на извештаи од норвешката Агенција за лекови за случаи на згрутчување на крвта што настанале кај неколку приматели на вакцини.

Scroll to Top