Поранешен шеф на израелската вселенска безбедност: Вонземјани постојат, Трамп знае за нив

пред 3 години

Поранешниот израелски шеф за вселенска безбедност, Хаим Ешед (87), тврди дека вонземјани постојат и дека се претставниците на „галактичка федерација“, како што тој ја нарекува, дури веќе стапиле во контакт со човештвото.

„Неидентификувани летачки објекти побараа од нас да не објавуваме дека се таму, човештвото сè уште не е подготвено“, рече Ешед во интервју за весникот „Једиот Ахаронот“.

„Постои договор меѓу американската влада и вонземјаните. Тие потпишаа договор со нас да правиме експерименти тука”, тврди овој професор и генерал во пензија. Ешед исто така тврди дека има подземни бази на Марс во кои соработуваат претставници на вонземјани и американски астронаути.

Тој исто така вели дека Доналд Трамп знае за постоењето на вонземски живот и дека неодамна ги открил овие информации, но дека успеале да му го одвлечат вниманието за да не се создаде масовна хистерија.

„До денес, тие чекаа човештвото да се развива и да стигне до фаза во која генерално ќе разбереме што се простор и вселенски бродови“, тврди Ешед.

Од Белата куќа одбија да ги коментираат неговите тврдења, пишува „Ен-би-си њуз“, а портпаролот на НАСА рече дека една од клучните цели на таа агенција е потрага по вонземски живот, но дека тие сè уште не го пронашле.

Scroll to Top