Прага бара руската амбасада да го ослободи објектот, на таа локација ќе се прави парк

пред 3 години

Властите на Прага бараат руската амбасада во Чешка да го напушти просторот што моментно го зафаќа, на површина од пет илјади метри квадратни, кој пред 1968 годинина бил дел од паркот Стромовка, изјави шефот на тој прашки округ, Јан Чизински.

„Градскиот совет на Прага ја повика републичката влада да започне преговори за просторот што моментно го окупира руската амбасада да и биде вратен на државата, како што беше пред инвазијата на силите на Варшавскиот пакт во 1968 година“, објави Чизниски на својот профил на „Твитер“.

Чешките медиуми објавија дека градските власти планираат да засадат дрвја и цвеќиња во таа област и да ја претворат во парк како што на таа локација било пред август 1968 година.

Чешка денеска ја напуштија 18 вработени во руската амбасада, кои чешките власти ги прогласија за персона нон грата, изјави портпаролката на руската дипломатска мисија, Марија Семјонова.

„Осумнаесет вработени во руската амбасада и членови на нивните семејства ја напуштија територијата на Чешка“, изјави Семијонова за агенцијата ТАСС.

Чешки официјални лица тврдат дека овие 18 руски дипломати се членови на руските разузнавачки служби.

Во исто време, официјална Прага ги обвинува руските тајни служби за вмешаност во подметнатата експлозија во складиште за муниција во Врбетице, во 2014 година, при што загинаа две лица.

Како одговор на ваквиот потег, Русија протера 20 вработени во амбасадата на Чешка во Москва.

Scroll to Top