Путин нема донесено одлука за средбата која ја предложи Бајден

пред 3 години

Рускиот претседател Владимир Путин ќе донесе конечна одлука по предлогот на неговиот американски колега, Џо Бајден, да се состанат во трета земја, објави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Што се однесува до изјавите на претседателот Бајден, неговиот предлог за средба речиси се поклопува со предлогот даден од претседателот Путин“, рече Песков, а пренесе агенцијата ТАСС.

Песков додаде дека ќе биде потребно време да се разгледа предлогот.

„Одговорот ќе се заснова на одлуките на претседателите, во време и во форма избрана од рускиот претседател“, истакна портпаролот.

Бајден, претходно неделава, му предложи на Путин средба на неутрално тло и вчера рече дека е време да се намалат тензиите.

Кремљ го оценува како позитивен фактот дека американскиот претседател сака дијалог, а Финска и Австрија изразија подготвеност да бидат домаќини на нивната средба, пренесе агенцијата „Франс Прес“.

Scroll to Top