Рама и Баша со жестоки Твитер-преписки и обвинувања за коронавирусот во Албанија

пред 4 години

Влошената епидемиолошка состојба во Албанија е дополнително прашање на кое денеска преку социјалните мрежи си упатија навреди и обвинувања двајцата главни политички опоненти, лидерот на Социјалистичката партија и актуелен премиер Еди Рама и на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша.

Прв реагираше Баша, по информациите дека болничките капацитети се исполнети и на болните од Ковид-19, иако во критична состојба, им се дава услуга во амбулантни возила, во очекување да се ослободи болнички кревет.

Преку Твитер тој упати неколку прашања до Рама, меѓу кои и зошто не ја отвора четвртата ковид болница.

– Еди Рама престани со клеветите и политичките игри, одговори зошто не ја отвораш четвртата ковид болница? Зошто за заразените лица нема место и лежат во амбулантни возила? Зошто продолжуваш со крадење а ги оставаш болните да умираат по улици. Откако ја уништи економијата, сега им ги земаш животите и здравјето на Албанците, напиша Баша.

Веднаш му возврати Рама, кој му порача да не се затскрива зад вирусот при тоа префрлајќи се на друга тема па му вели да одговори зошто гласал за извештајот на Дик Марти за „жолтата куќа“.

– Љуљзим, не се кријте зад Ковид и оставете ги обвинувањата за оние кои секојдневно се борат во првите редови против вирусот. Вие одговарате за фактот дека бевте со перуанскиот лекар (Сали Бериша) при подготовката на досието за жолтата куќа! Кажете ми што мислите за гласањето на Демократската партија и Движењето за социјалистичка интеграција за извештајот на Дик Марти, напиша Рама на Твитер.

Му возврати Баша кој го нарече портпарол на Белград и го обвини дека е главниот виновник за изгубените животи од Ковид-19.

– Наместо да ја извршува својата должност, Еди Рама станува портпарол на Белград. Тој е одговорен за загубените животи и здравјето на Албанците. Болните лежат добиваат услуга во возила на брза помош затоа што болниците се преполни. Откако ја уништи економијата, тој ја изгуби контролата над пандемијата, напиша Баша.

Рама му возврати дека „бидејќи Белград не го сакал извештајот на Марти, го изгласале Баша и неговата партија“.

– И тогаш кога ги распрашуваше Албанците за потребите на Марти користеше двојна маска или и ова е измислица на Белград. Зборувај Љуљзим, кажи ја вистината, му порача Рама.

Scroll to Top