Салвини: Следната недела ќе одлучиме дали ќе ја поддржиме новата италијанска Влада

пред 3 години

Раководството на партијата „Лига“ следната недела ќе одлучи дали ќе ја поддржи владата на Марио Драги, изјави денеска лидерот на оваа италијанска екстремно-десничарска партија, Матео Салвини, пренесоа британските медиуми.

-Ние веруваме дека интересот на земјата мора да има предност пред личните интереси, рече Салвини.

Италијанскиот претседател Серџо Матарела пред три дена му даде мандат на Драги да се обиде да формира влада откако претходната влада, предводена од Џузепе Конте, беше соборена поради несогласувањата во владеачката коалиција.

-Сакаме да бидеме дел од влада што може да оди во Брисел со крената глава во име на националните интереси, објасни Салвини.

Десничарскиот лидер ја смени тактиката откако му беше доверен мандатот на Драги, бидејќи првично повика на избори, за потоа да каже дека нема да биде дел од владеачката коалиција во парламентот.

Британските медиуми проценуваат дека „Лига“ е подготвена да се приклучи на коалицијата со цел да му ја олесни работата на Драги, но ситуацијата е се уште сложена, бидејќи не е јасно дали Драги има сигурно мнозинство во парламентот.

Scroll to Top