Семејството на убиениот Џорџ Флојд ќе добие 27 милиони долари од градот Минеаполис

пред 3 години

Градскиот совет на Минеаполис, во американската држава Минесота, денеска едногласно одлучи да се исплатат 27 милиони долари за решавање на тужбата поднесена од семејството на Џорџ Флојд, кој минатата година беше убиен од полицајци кои го приведуваа.

Во јули, семејството на Флојд поднесе тужба против градот и четворицата полицајци обвинети за неговата смрт минатиот мај.

Во тужбата се тврди дека полицајците ги повредиле правата на Флојд кога го приведувале и дека градот дозволил да се зголемува културата на употреба прекумерна сила, расизам и неказнивост меѓу припадниците на полициските сили.

Смртта на Флојд, невооружен Афроамериканец, минатата година предизвика масовни протести против полициското насилство и расизмот низ цела САД, а многу луѓе демонстрираа и во други земји од светот, пренесе ДПА. Флојд (46) почина на 25 мај 2020 година, откако беше уапсен под сомнение дека платил сметка со лажни 20 долари.

Полицајците при апсењето го турнаа на земја на плочникот пред неговиот автомобил, а еден од нив цели осум минути го држеше коленото врз вратот на Флојд, додека тој молеше да го ослободат бидејќи не може да дише, што може да се види од објавените видеа. Според обдукцијата, Флојд изгубил свест и веднаш починал.

Scroll to Top