Се повеќе републиканци бараат оставка од Трамп

пред 3 години

Девет дена пред крајот на неговиот мандат, Доналд Трамп се соочува со сè поголеми повици за негова оставка, дури и од републиканскиот табор, со цел да се избегне тешка постапка за повлекување среде политичка, здравствена и економска криза.

По републиканските сенатори Бен Сасе и Лиза Мурковски, сенаторот Пат Томи синоќа на Си-Ен-Ен изјави дека оставката на претседателот ќе биде „најдоброто решение“.

„ По претседателските избори на 3 ноември на кои загуби, Доналд Трамп беше зафатен од некакво лудило, тој ги направи работите целосно незамисливи и непростливи“, додаде тој.

„ Најдоброто нешто за единството на земјата би било неговата оставка“, изјави за Еј-Би-Си, Алан Кицингер, член на Претставничкиот дом и првиот републиканец кој веднаш во четвртокот побара претседателот да биде прогласен за „несоодветен“ за функцијата.

Но, американскиот милијардер не дава ни најмал знак дека е подготвен да поднесе оставка, рекоа неговите советници.

Претседателката на Конгресот, демократката Ненси Пелоси, која најави дека ќе преземе нешто доколку претседателот во заминување не се повлече, го повика нејзиниот табор да се врати во Вашингтон оваа недела за да одлучи како да го санкционира Трамп за насилниот упад во Капитол, за кој, како што вели, ги охрабрил поддржувачите. Во отвореното писмо до пратениците, таа не спомна можно отповикување, но истакна дека „апсолутно е потребно оние што учествуваа во нападот на нашата демократија да одговараат за тоа“.

Обвинението, поднесено од Претставничкиот дом и потпишано од најмалку 200 пратеници, го критикува републиканскиот претседател за „свесно давање изјави“ што предизвика прилив на неговите приврзаници во зградата на Конгресот во средата.

Scroll to Top