Се подготвува за „бомбастично збогување“: Трамп ја отстранува ознаката за тајност од податоците за вистинското потекло на Ковид-19?

пред 3 години

Британските дипломати се подготвуваат за фактот дека САД ќе упатат сериозни обвинувања кон Кина, кои се поврзани со „опасното“ истражување на коронавирусот во Вухан, пишува The Telegraph.

Се верува дека претседателот на САД во заминување, Доналд Трамп е истраен во намерата да „ги зачини работите“ во Кина, во последните денови од неговиот мандат. Британски извори веруваат дека неговиот државен секретар Мајк Помпео може да ја отстрани ознаката „доверливо“ од документите што содржат податоци што ги собрала американската разузнавачка служба за Институтот за вирусологија во Вухан.

Неименуван извор за The Telegraph изјави дека САД можат да утврдат дека кинеската војска спроведувала истражувачки проекти кои вклучуваат „размножување опасни коронавируси“ во голем број животински видови во лабораторијата на Институтот Вухан. Ваквите тврдења би натерале многумина да се запрашаат зошто кинеската војска би била вклучена во ваков проект и дали проектот е поврзан со потенцијален развој на биолошко оружје.

Се очекува дека Вашингтон нема да оди толку далеку да утврди дека Ковид-19 потекнува од лабораторијата, туку дека целта е да потикне сомнеж. Изјавата на советникот за национална безбедност на Трамп, Роберт О’Брајан, во понеделникот, натера многумина да помислат дека Америка наскоро би можела да ја обвини Кина.

„Светот не може да продолжи да плаќа високи цени поради својата наивност и последиците по неодговорните и штетни потези на Пекинг, без разлика дали станува збор за ставање крај на владеењето на правото во Хонг Конг или несоработка со здравствените власти за време на пандемијата“, рече О’Брајан додавајќи дека САД разгледува понатамошни опции за одговор.

The Sun напиша дека дипломатски извор изјавил дека „Америка досега се воздржуваше, но дека сè може да се случи во наредните денови, а најмногу ги интересира потеклото на вирусот“.

Разузнавачките служби минатата година потврдија дека американските разузнавачки служби истражуваат дали несреќа во лабораторијата во Вухан може да биде одговорна за пандемијата на коронавирусот. Во тоа време, сепак, беше речено и дека вирусот потекнува од природата.

Америка веќе некое време од Пекинг бара одговори на прашањата за потеклото на вирусот, а минатата пролет ја обвини Светската здравствена организација дека помага во прикривање на потеклото на вирусот со „потчинување на Комунистичката партија на Кина“. Извори од британската разузнавачка заедница тврдат дека досега достапните докази сугерираат дека вирусот потекнувал од дивината.

Официјален Лондон во понеделникот повтори дека се уште е заинтересиран за истражување на потеклото на вирусот во Кина, но инсистира истрагата да биде транспарентна и строго-научна.

Институтот за вирусологија во Вухан е државна истражувачка институција под јурисдикција на Кинеската академија на науките, која е под строга контрола на државниот врв таму. Научните истражувања во Кина честопати се поврзани со војската, која пак води неколку внатрешни институции кои се занимаваат со некои од најнапредните проекти во цела Кина.

Една од кинеските вакцини против Ковид-19 беше развиена од армијата, а истражувачкиот тим што ја произведе го водеше генералот Чен Веи. The Telegraph наведува дека не е познато како се воспоставуваат такви партнерства.

Инаку, од самиот почеток на избувнувањето на пандемијата, Пекинг ја отфрла тезата дека коронавирусот на кој било начин е поврзан со истражувањето во лабораторијата во Вухан.

Scroll to Top