Социјалистот Луис Арче е најверојатен победник на изборите во Боливија

пред 4 години

Социјалистичкиот кандидат, Луис Арче, најверојатно е победник на претседателските избори во Болиција без да има потреба од втор круг гласање, со што најверојатно на власт во земјата се враќа партијата на протераниот поранешен претседател Ево Моралес, јавуваат британските медиуми.

Според податоците објавени од телевизијата Унител околу полноќ по локално време, Арче освоил 52,4 проценти од гласовите, што е за околу 20 проценти повеќе од кандидатот на центристичката партија, Карлос Месе, кој има 31,5 проценти од гласовите.

Според официјалните податоци, преброени се само пет проценти од гласовите, а излезните анкети беа одложени за неколку часа по затворањето на избирачките места.

Како што се наведува, за победата на кандидатот му се потребни 40 проценти од гласовите и 10 проценти предност пред противкандидатот.

За резултатите од изборите од Аргентина се огласи и Ево Моралес, кој побегна од земјата откако беше симнат од власт, потенцирајќи дека според сите податоци води „Движењето кон социјализам“.

Арче, кој беше министер за економија во владата на Моралес, по затворањето на избирачките места рече дека е сигурен во победата.

-Ќе го продолжиме процесот на промени без омраза. Ќе ги научиме и надминеме грешките што ги направивме како „Движење кон социјализам“, рече Арче.

Вршителот на должноста претседател на Боливија, Жанин Ањес призна дека Арче најверојатно е победник на изборите и му честиташе.

-Сите мора да бидеме трпеливи и да ги сочекаме резултатите од изборите без прибегнување кон какво било насилство. Ве уверувам дека резултатите ќе бидат веродостојни, рече политичарката во видео порака.

Политичкиот аналитичар Карлос Валверде изјави дека изборите се најважни од 1982 година.

Право на глас на изборите имаа 7,3 милиони избирачи, кои избираа меѓу шест кандидати за претседател.

Scroll to Top