Тедрос: Кина одолговлекува со дозволите за експертите на СЗО што треба да го испита потеклото на коронавирусот

пред 3 години

Шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Адана Гебрејезус, денеска изјави дека е разочаран што кинеските власти не ги финализирале дозволите за пристигнување на тим експерти во Кина, кои ќе го испитаат потеклото на САРС-КоВ-2.

Тој рече дека членовите на меѓународниот научен тим започнале да заминуваат од своите матични земји во Кина во последните 24 часа, како дел од договорот меѓу СЗО и кинеската влада.

– Денеска дознавме дека кинеските власти сè уште не ги завршиле потребните дозволи за доаѓањето на тимот во Кина, рече Тедрос на прес-конференција во Женева.

– Јас сум многу разочаран од оваа вест, имајќи предвид дека двајца членови веќе отпатуваа, а другите, во последен момент, дознаа дека не можат да патуваат, но беа во контакт со високи кинески претставници, изјави шефот на СЗО.

Тедрос рече дека „јасно ставил до знаење“ дека мисијата е приоритет на здравствената агенција на Обединетите нации и дека е „убеден“ дека Кина ги забрзува внатрешните процедури за распоредување на тимот што е можно поскоро.

– Ние сакаме мисијата да почне што е можно побрзо, рече тој.

Експертите, собрани од целиот свет, се очекува да го посетат градот Вухан, за кој се сомнева дека е местото каде што првпат се појави коронавирусот пред повеќе од една година.

Scroll to Top