Трамп се закани дека нема да го потпише новиот закон за економска помош

пред 3 години

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека нема да го потпише новиот закон за економска помош во висина од 892 милијарди долари, што вклучува обезбедување помош за индивидуални граѓани на Соединетите Американски Држави. Трамп смета дека законот треба да се измени за да се зголеми износот на стимулации.

„ Законот што сега планираат да го вратат на мојата маса е многу поразличен отколку што се очекуваше. Тоа е навистина срамота”, рече Трамп во видео пораката објавена на Твитер.

Трамп побара од Конгресот да го зголеми износот на стимулации до 2.000 долари за физички лица и 4.000 долари за парови, наместо „смешно ниските“ 600 долари за поединци, како што е наведено во нацрт-законот, пренесува Ројтерс.

Тој се пожали и на парите обезбедени за странски држави, институцијата Смитсонијан, која претставува група музеи и истражувачки центри под администрација на САД, како и за одгледување риби.

„ Исто така, го замолувам Конгресот веднаш да се ослободи од расипничките и непотребните делови од овој закон и да ми испрати соодветен закон, или идната администрација ќе мора да донесе пакет мерки за помош од Ковид-19. А можеби таа администрација ќе биде моја”, рече Трамп, кој сè уште инсистира на победа на изборите во ноември.

Трамп, кој ќе се повлече од функцијата претседател на 20 јануари, кога новоизбраниот претседател Џо Бајден ќе биде инаугуриран, не го употреби зборот „вето“ во своето обраќање.

Конгресот на САД во понеделникот вечерта донесе закон за економска помош во вредност од скоро 900 милијарди долари, што ќе им помогне на индивидуалните граѓани на САД, но и на приватните компании кои беа погодени од пандемијата.

Предлог-законот може да се измени ако конгресните лидери сакаат да го сторат тоа. Ако не сакаат, Трамп останува да го потпише предлог-законот, да стави вето или да не прави ништо и да остави да стане закон.

Scroll to Top