Хоти: Наскоро дипломатски односи со Израел

пред 4 години

Приштина, 15 септември 2020 (МИА) – Косовскиот премиер Авдулах Хоти вечерва изјави  дека Приштина наскоро ќе ги продлабочи дипломатските односи со Израел. На церемонијата организирана во рамките на еврејската Нова година, на која преку порака израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им се обрати на граѓаните на Косово и на припадниците на еврејската заедница во Косово, Хоти потенцираше дека во овој момент, овој датум е важен, пренесе Клан Косова. – Еврејската заедница на Косово е важна алка во овие односи. Наскоро ќе воспоставиме дипломатски односи со пријателската држава Израел, рече Хоти. Косовскиот премиер додаде дека Приштина и Израел ќе ги продлабочат односите во сите правци. Нетанјаху, во писмената порака рече дека последните настани влеваат надеж дека претстои „нова ера“, од која ќе имаат корист и израелските и косовските граѓани. „Испраќам топли Рош Хашана поздрави до сите вас во Приштина. Оваа година подавам рака на пријателство на народот на Косово. Најновите случувања меѓу Израел и Косово може да ни помогнат да влеземе во нова ера од која ќе имаат корист и двете нации“, се вели во писмената порака на Нетанјаху, прочитана на церемонијата на прослава на Рош Хашана во Приштина. „Убеден сум дека можеме да постигнеме многу работиме заедно и искрено се надевам дека ќе го постигнеме тоа“, се вели во пораката на израелскиот премиер, кој се наоѓа во Вашингтон, каде во Белата куќа вечерва потпиша историски договор за воспоставување дипломатски односи со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин. На прославата на Еврејската Нова година во хотелот „Емералд“ во Приштина присуствуваа и претседателот на Косово Хашим Тачи, премиерот Авдулах Хоти, спикерот на Собранието Вјоса Османи, како и поранешниот премиер и лидер на движењето „Самоопределување“ Албин Курти. Минатата недела претседателот на САД Доналд Трамп се сретна со лидерите на Србија и Косово, кои се согласија да ги нормализираат економските врски меѓу нив. – Израел и Косово се согласија да воспостават дипломатски односи, а Косово, заедно со Србија, ќе отворат амбасади во Ерусалим, изјави тогаш израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. ссм/

Извор: mia.mk

Scroll to Top