23 тони кокаин од Парагвај запленети во Германија и Холандија

пред 3 години

Германските цариници откриле повеќе од 16 метрички тони кокаин во контејнери кои пристигнале во Хамбург од Парагвај, соопштија денеска германските власти.

Според царинската служба во Хамбург, ова е најголема количина кокаин запленета досега во Европа и една од најголемите заплени во светот.

Дрогата е пронајдена при претрес на пет контејнери од Парагвај на 12 февруари, кои европските царински органи ги обележале како сомнителни при анализата на ризикот.

Уште шест тони од дрогата, кои пристигнале во белгиското пристаниште Антверпен, биле запленети во Холандија.

Царинската служба во Хамбург наведува дека количината од над 23 тони кокаин запленета на црниот пазар може да се продаде за неколку милијарди евра.

Холандските власти во средата уапсија 28-годишен маж од Влардинген, за кого постои сомневање дека е одговорен за пратките.

Scroll to Top