Конференциската лига ја остави Македонија без претставник во Лига Европа

пред 3 години

УЕФА потврди дека од наредната сезона ќе стартува новото натпреварување, Конференциска лига. Ова натпреварување ќе биде трето според квалитет, по Лигата на шампионите и Лига Европа. УЕФА ќе го намали бројот на екипи кои ќе учествуваат во Лига Европа, од 48 на 32. Во Конференциската лига исто така ќе учествуваат 32 екипи. Воведувањето на новото натпреварување значи дека Македонија од наредната сезона нема да има ниту еден претставник во Лига Европа. Досега Македонија, во европските купови настапувала со четири клуба, шампионот играл квалификации во Лигата на шампионите, а победникот во Купот и вториот и третиот на табелата настапувале во квалификациите за Лига Европа. Според новиот систем, шампионот на Македонија ќе игра во квалификациите за Лигата на шампионите, додека останатите три екипи ќе играа квалификации за новот натпреварување, Конференциска лига. Наградниот фонд во Конференциската лига ќе изнесува 240.000.000 евра, што е за два и пол пати помалку од наградниот фонд во Лига Европа. Во главната фаза ќе се натпреваруваат 32 тима, ќе бидат поделени во осум групи, а само победниците ќе продолжат во нокаут-фазата. За преостанатите места во осмина-финалето ќе се борат второпласираните екипи од Конференциската лига и третопласираните тимови во Лига Европа. Место во Конференциската лига ќе има за шестопласираните тимови во првенствата на Англија, Германија, Шпанија и Италија, односно за петтопласираниот тим во Франција. По две места ќе добијат Португалија, Русија, Белгија, Австрија, Чешка, Турција, Украина, Холандија, Данска и Шкотска. Овие национални првенства за разлика од македонската лига, ќе имаат свои претставници и во Лига Европа. УЕФА веќе реши првото финале во Конференциската лига да се одигра на стадионот во Тирана. Победникот ќе избори директен пласман во Лига Европа.

Scroll to Top