„Летечкиот“ Златан двапати стрелаше и ги врати Милан на првото место

пред 3 години

Златан Ибрахимовиќ покажа дека е клучниот фудбалер на Милан, постигнувајќи два гола за импресивна 3:1 победа на гости кај Наполи, за да ги врати „росонерите“ на првото место во Серија А со шеста победа во осум меча оваа сезона.

Ибрахимовиќ пропушти два меча од италијанската лига откако беше позитивен на КОВИД-19, но во другите шест меча има постигнато вкупно 10 гола, што е неверојатен скор за фудбалер кој наполи 39 години.

Златан прво го „начна“ тимот на Џенаро Гатузо во 20-тата минута, кога доби фантастична топка од Тео Ернандез и постигна уште поубав гол со глава. Во 54. минута, ова водство беше удвоено, кога Анте Ребиќ одлично го најде Златан во шестнаесетникот за 0:2.

Наполи, за кои Елиф Елмас влезе во 90-тата минута, успеаја да вратат гол разлика преку Дрис Мертенс во 63. минута, но само две минути подоцна домаќините останаа со играч помалку, откако поранешниот фудбалер на Милан, Тиемуе Бакајоко заработи втор жолт картон за старт одзади. Јенс Хауге го постави конечниот резултат во 94-тата минута за комплетирање на одличната победа.

Милан се вратија на првото место на табелата со 20 поени, два повеќе од Сасуоло и три пред Рома, додека Наполи се шести со 14 поени.



Scroll to Top