Песков: Навални е слободен да оди и да се враќа во Русија кога сака

пред 4 години

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, денеска изјави дека опозиционерот Алексеј Навални, кој закрепнува во Берлин откако беше отруен на аеродром во родната земја, е слободен да ја напушти земјата и да се врати во неа кога сака, како и секој друг руски граѓанин.

Навални беше во вештачки предизвикана кома со недели, а германските и повеќе други независни европски анализи покажаат дека тој бил отруен со руски нервен отров „новичок“, кој е докажано користен во операции на руската разузнавачка служба, како при обидот за труење на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка во Британија во 2018 година.

Кремљ претходно негираше каква било врска со случајот со Навални, а ги оспори и резултатите на европските тестирања кои докажуваат дека опозиционерот бил отруен.

– Секој државјанин на Русија е слободен да замине или да се врати во Русија, рече Песков на прес-конференција.

Песков на тој начин ги коментираше наводите на „Њујорк тајмс“, според кои, во разговор со претставниците на германските истражни органи, Навални рекол дека не планира да емигрира во Германија и дека би сакал да се врати во Русија и да го продолжи својот претходен ангажман.

Одговарајќи на прашањето дали Кремљ е задоволен од одлуката на Навални, со оглед на силните реперкусии што ги предизвика неговиот случај низ целиот свет, Песков подвлече дека „кога руски државјанин ќе се опорави и неговото здравје ќе се врати во нормала, секако, сите се задоволни“.

Како што наведува руаската агенција ТАСС, Песков рече дека Кремљ не е во можност внимателно да ги следи промените во здравствената состојба на Навални.

Извор: a1on.mk

Scroll to Top