Реинфекцијата е ретка, а еве колку долго трае имунитетот кај оние што прележале Ковид-19

пред 3 години

Новата студија од Данска покажува дека поголемиот дел од луѓето кои што прележале ковид-19 се заштитени од реинфекција најмалку шест месеци, но луѓето постари од 65 години се посклони на заразување од помладите луѓе.

Истражувањето кое што било објавено од страна на угледно медицинско списание „The Lancet“, утврдило дека само 0,65 отсто од луѓето вторпат биле позитивни на тест за коронавирус, откако претходно биле заразени во текот на првиот и вториот бран на пандемијата во Данска, пренесува Ројтерс.


Тоа е многу помал процент од 3,27 отсто, колку што биле позитивни на вирусот по употребата на многу попрецизните ПЦР тестови, поради тоа што луѓето претходно биле негативни на вирусот на резултати добиени преку брз тест за коронавирус.

Студијата утврдила дека луѓето кои што се постари од 65 години имаат само 47 отсто заштита од повторна инфекција, во споредба со 80 отсто заштита кај младите луѓе.

„Нашата студија го потврди тоа што многумина го сугерираа. Повторната инфекција од ковид-19 поретко се случува кај младите, здрави луѓе, но кај постарите постои поголем ризик од реинфекција“, изјавил Стен Еделберг од Институтот Статенс Серум во Данска.

Авторите на студијата не пронашле дека заштитата од реинфекција опаѓа во текот на шесте месеци од болеста, но истакнуваат дека е потребно да се преземат понатамошни истражувања за да се утврди заштитата од реинфекција кај различните соеви на вирусот.

Научниците исто така изјавиле дека реинфекцијата веројатно ќе биде асимпоматска, односно „поблага“, затоа што имуниот систем ќе го сузбие вирусот пред да нанесе голема штета на организмот.

Сепак, студијата сугерира дека имунитетот на природна инфекција е непредвидлив и нееднаков, а тоа ја докажува важноста на вакцинацијата на луѓето, особено на оние постарите.

„Сигурно дека не треба да верувате дека старата инфекција која сте ја прележале ќе ве штити од новата, како и од сериозна клиничка слика – особено кај постарите луѓе“, истакнува Еделберг.

Прецизните анализи за реинфекцијата досега се ретки затоа што многу луѓе ширум светот на почетокот немале пристап на тестирање, а лабораториите бараат генетски секвенци од двата круга на испитувањата, за да се утврди повторната инфекција.

Податоците кои што биле предмет на анализа биле собрани со помош на данската национална стратегија за тестирање, која што била бесплатна и масовна (кај 69 отсто од популацијата), односно четири милиони луѓе биле тестирани само во текот на минатата година.

„За многумина тоа ќе биде асимптоматска реинфекција. Заштитата од 80 отсто од симптоматската инфекција е прекрасна“, изјавил Флоријан Крамер, имунолог од Маунт Синај за „NYT“.

Овие истражувања се особено важни за стратегијата на вакцинацијата. Наодите укажуваат дека луѓето кои што еднаш биле заразени од ковид-19 би требало да добијат само една доза од вакцините за коронавирус, објаснил д-р Крамер.

„Поголемиот дел од луѓето произведуваат моќен имунолошки одговор на природната инфекција, но има и многу варијабилности. По вакцинацијата не гледаме варијабилност, гледаме многу високи одговори кај речиси сите, со малку исклучоци“, додал докторот.

Scroll to Top