Huawei почнува со продажба на електрични автомобили во своите продавници

пред 3 години

Huawei ќе го продава новиот електричен автомобил на кинеската компанија Seres во своите продавници низ Кина.

Huawei и Seres заедно развиле целосно нова надградба на електричниот систем на автомобилот, со што значително придонеле во зголемувањето на автономијата на возење и брзината на полнење на батеријата на автомобилот. Автомобилот опремен со новата DriveONE Three-in-One Electric Drive технологија овозможува подолги патувања, но истовремено и врвни спортски перформанси, се вели во соопштението на Huawei.

Така, новиот автомобил Seres SF5 им нуди на клиентите флексибилност, од опсег од 180 километри во целосно електричен режим за пократки градски патувања, до повеќе од 1000 километри во режим на долго патување. Новиот систем нуди забрзување до 100 километри на час за 4,68 секунди, велат од Huawei.

Новиот Seres SF5 вклучува и опција за напојување на други возила за итни случаи, како и разни апарати, како што се индукциски шпорети, стерео уреди и друга опрема што се користи, на пример, за кампување.

Од Huawei исто така напоменуваат дека решението Huawei HiCar овозможува непречен пренос на мобилни апликации до централната контролна табла на возилото, како што се пристап до навигација, музика, итн., како и поврзување со други паметни уреди за да возачите можат на пример да ја вклучат климатизација, „паметен“ дисплеј или други поврзани уреди дома.

„Оваа возбудлива најава претставува преседан и за индустријата за потрошувачка електроника и за индустријата за електрични автомобили. Во иднина, ние повеќе нема да нудиме само најдобри паметни решенија за интелигентни автомобили за да им помогнеме на нашите партнери да развиваат подобри возила, туку ќе им помогнеме и да ги продаваат овие автомобили преку нашата малопродажна мрежа низ Кина“, вели извршниот директор на Huawei Consumer Group, Ричард Ју.

Извор: Додај Гас

Scroll to Top