Вакцината Астразенека дава ограничена заштита од јужноафриканскиот сој на коронавирусот, покажале истражувањата во компанијата

пред 3 години

Вакцината против ковид-19 на „Оксфорд-АстраЗенека“ дава ограничена заштита од лесна форма на болеста предизвикана од јужноафриканскиот сој на вирусот, откриваат последните испитувања.

Од компанијата велат дека сè уште не можат да кажат со сигурност дека вакцината штити од тешката форма на болеста предизвикана од овој сој на вирусот, кој има поголема преносливост. Во исто време, велат дека се убедени дека вакцината обезбедува заштита од посериозни случаи.

Таа создала антитела слични на оние произведени од други вакцини за коронавирус.

Испитувањата направени над 2000 луѓе, засега сè уште не се разгледани од рецензентите. Досега се откриени повеќе од 100 случаи заболени од јужноафриканскиот сој во Велика Британија.

Портпаролот на „АстраЗенека“ изјавил дека тие сè уште не се во можност правилно да утврдат дали вакцината ќе спречи тешка болест и хоспитализација предизвикана од јужноафриканскиот сој, бидејќи оние кои биле вклучени во студијата биле претежно млади, здрави возрасни лица.

Портпаролот на „АстраЗенека“ изјави дека компанијата и Универзитетот Оксфорд почнале да ја прилагодуваат вакцината против јужноафриканскиот сој.

Д-р Мајкл Хед, виш научен соработник за глобалното здравје на Универзитетот во Саутемптон, рече дека ако вакцината на „Оксфорд-АстраЗенека“ дава помала заштита од лесна форма на болеста, но спречува тешка болест, „сепак ќе биде прилично добар исход“.

„Сметам дека засега не треба да бидеме премногу вознемирени од објавените наоди, но треба да ја видиме целосната студија за да откриеме какви се навистина импликациите”, рече тој за „Би-Би-Си“.

Компанијата вчера рече дека вакцината обезбедува добра заштита од британскиот сој кој првпат беше откриен во Кент, а сега е доминантен во Велика Британија.

Експертите велат дека, ако е е потребно, за неколку недели или месеци вакцините може да се редизајнираат и да се изменат за да бидат поефикасни за нови соеви.

Scroll to Top