Дамчевска-Илиевска: Пријавив закани во полиција, насилството во ВМРО-ДПМНЕ мора да остане во минатото

пред 4 години

Поранешната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Дамчевска Илиевска, во соопштение испратено до медиумите вели дека примила закани поради повиците за одговорност на раководството на партијата, кои ги пријавила во полиција. Дамчевска-Илиевска и други истакнати членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ, обединети во иницијативен одбор за вонреден конгрес, деновиве ги засилија повиците за оставка на партискиот лидер Христијан Мицкоски, по, како што велат, изборниот неуспех и неговото предизборно ветување дека ќе си оди од кормилото на партијата доколку не успее да ја состави новата влада. Еве го соопштението од Весна Дамчевска-Илиевска во целост: „Агресивноста и заканите повеќе говорат за насилникот, отколку за жртвата. Знак на слабост и немање на вистински аргументи е испраќањето на разни ликови кои се закануваат и нарушуваат нечиј мир, не водејќи сметка за туѓите семејства. На Македонија и треба здрава опозиција која демократски комуницира и ги решава отворените прашања. Насилството мора да остане во минатото бидејќи ВМРО-ДПМНЕ може да оди напред само со отворена дебата и соочување на фактите. Да се бара одговорност од раководството и одржување на Вонреден Конгрес е демократски чин. Да се испраќаат разни ликови пред нечиј дом, да се пишуваат вулгарни зборови со говор на омраза, обвинувања без основа, лични навреди, на социјалните мрежи е кукавички и нечовечeн чин. Апелирам да престане безумието. Не е разумно тоа што го прават овие ликови, а уште понеразумно е тоа што некој помислил дека на тој начин може да се постигне нешто. Само се жртвуват луѓето за нечија суета. Да, пријавив закани и тормозење во полиција и ќе продолжам да пријавувам. Насилство нема да толерирам! Очекувам полицијата да постапи. Мене нема да ме заплашите, ниту ќе отстапам од својот став само дека на ВМРО-ДПМНЕ му е потребен вонреден Конгрес и промени“. Текстот Дамчевска-Илиевска: Пријавив закани во полиција, насилството во ВМРО-ДПМНЕ мора да остане во минатото е превземен од А1он .

Scroll to Top