Луд камбек на Мареј од два сета негатива!

пред 4 години

Поранешниот светски рекет број 1, Шкотланѓанецот Енди Мареј го мина првото коло на САД опен, откако во неверојатен меч во Њујорк, се врати од два сета негатива за 4:6/4:6/7:6(5)/7:5(4)/6:4 победа над Јапонецот Јошито Нишиока. Шампионот од 2012 година, кој последните две години се мачи со повредите на колкот (за кој беше на операција), имаше ужасен старт и експресно ги загуби првите два сета, пред да покаже дека не ја загубил борбеноста со два сета кои беа решени во тај-брејк. Во второто коло е и вториот носител, Австриецот Доминик Тим откако неговиот противник, Шпанецот Хауме Мунар се повлече откако ги загуби првите два сета. Тим, кој стигна до своето трето гренд слем финале во кариерата во Австралија во јануари (каде што загуби од Новак Ѓоковиќ), водеше со 7:6(6)/6:3, кога Мунар се повлече поради повреда.  Следен за Австриецот е Индиецот Сумит Нагал, кој со 6:1/6:3/3:6/6:1 го победи Бредли Клен. Во второто коло се и руските фаворити Андреј Рубљев и Карен Хачанов. Рубљев со 6:4/6:4/6:3 лесно го мина Французинот Жереми Шарди, додека Хачанов се врати од два сета негатива за 3:6/6:7(7)/6:2/6:0/7:6(4) го победи Италијанецот Јаник Синер. Кај дамите, Гарбиње Мугуруза се врати на тенисот во својот прв меч од февруари со 6:4/6:4 победа над Јапонката Нао Хибино. Следна за поранешната гренд слем шампионка е Бугарката Цветана Пиронкова, која со 6:2/6:3 беше подобра од Људмила Самсонова. Во британската пресметка, Џоана Конта со 7:6(7)/6:1 ја совлада Хедер Вотсон за пласман во второто коло. 29-годишната Конта, која во 2019 стигна до четврт-финалето, се намачи во првиот сет, спасувајќи шест сет топки, пред во вториот доминантно да ја совлада сонародничката.  Следна за неа е Романката Сорана Кирстеа, која со 6:4/7:5 ја победи Американката Кристина Мекхејл.

Scroll to Top