Нова бескаматна кредитна линија за помош на малите претпријатија

пред 3 години

На предлог на Министерството за надворешни работи беше усвоен и предлогот на Закон за ратификација на Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги кон Договорот за изменување и пристапување кон Договорот за слободна трговија на Централна Европа, кој заедно со останатите предлог-закони ќе биде доставен во Собранието.

Со примената на Дополнителниот pротокол 6 кон Договорот за изменување и пристапување кон Договорот за слободна трговија на Централна Европа ќе се овозможи отворање нови пазари за нашите компании во услужните дејности, привлекување странски инвестиции, трансфер на технологијата, создавање нови работни места, како и обезбедување поголема диверзификација и квалитет на услугите.

Со Дополнителниот pротокол 6 за трговија со услуги кон Договорот за изменување и пристапување кон Договорот за слободна трговија на Централна Европа се уредува трговијата со услуги меѓу земјите членки на ЦЕФТА и се либерализираат пазарите за услуги на земјите членки на ЦЕФТА во согласност со утврдениот распоред на преземените обврски на земјите членки на ЦЕФТА и во согласност со прописите на Светската трговска организација (СТО).

Членовите на Владата ја разгледаа и усвоија Информацијата за потребата од потпишување mеморандум за разбирање помеѓу Владата и Европската банка за обнова и развој, кој се однесува на соработката за поддршка на процесот за членство во Европската Унија.

Соработката се фокусира на следните области: зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и инклузивен раст; одржлива инфраструктура и транзиција кон зелена економија, вклучувајќи ги и приоритетите за регионална поврзаност; и зајакнување на инвестициската клима и управување.

Со денешна одлука на Владата, со цел реализирање на четвртиот сет на економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на Ковид-19, Министерството за економија префрлува 60.000.000 денари од програма П1-Мерки за справување со Ковид-19 кризата на посебна сметка на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје во Народна банка, како буџетски придонес за реализација на мерката. Бескаматни кредити со 30% грант компонента за микро и мали претпријатија (ММП) преку Развојна банка на Северна Македонија.

Преку оваа мерка ќе се воведе нова бескаматна кредитна линија која ќе биде лансирана со грант средства од Европската Унија. Кредитната линија ќе биде отворена за сите микро и мали компании, а истата ќе понуди 30% грант за компаниите кои се водени или основани од жена, кои вработуваат млади лица, кои се извозно ориентирани или кои ќе воведат иновации, дигитализација и е-трговија во нивното работење.

Вкупниот износ на средства за реализација на оваа мерка изнесува 1,9 милијарди денари (31.000.000,00 евра) од кои 30.000.000,00 (триесет милиони) евра ќе се обезбедат преку Делегацијата на Европска Унија а 60.000.000,00 (шеесет милиони) денари или околу 1 милион евра се национално ко-финансирање буџетирани од П1 КОВИД програмата во Министерство за економија.

Scroll to Top